
Вардар го „преживеа“ Охрид и е уште еден чекор поблиску до титулата
„Црвено-црните“ имаат 17 бода, колку и Пелистер, но поради победата во меѓусебниот дуел во Битола, во моментов се првопласирани и во последното коло, на домашен терен ќе одлучуваат за шампионската титула. Гостувањето во Охрид беше последниот сериозен тест пред клучниот меч со Пелистер кој ќе се игра во јуни.
Охриѓани во првото полувреме се заканија дека ќе направат сензација и ќе го сопнат Вардар во битката за шампионската титула. По водството на гостите со 6-4, домаќините постигнаа пет гола по ред и поведоа со 9-6, а предноста ја задржаа до големиот одмор на кој заминаа со 12-11. Вардар го сврте резултатот во своја корист на стартот од вториот дел, но неизвесно беше до 53. минута кога „црвено-црните“ имаа само еден гол предност (20-19). Следуваше клучната серија од пет гола на Вардар по која беше скршен отпорот на Охрид, а гостите дојдоа до исклучително важна победа.
Вуко Борозан со пет гола го предводеше Вардар, а по четири постигнаа Јагуриновски и Родригез. Матцуока постигна пет гола во тимот на Охрид.