Тренерот на Пелистер оптимист: Имаме добри играчи на сите позиции, треба да го искористиме тоа

Иако претходните две години беше шампион на Македонија, Пелистер не успеваше да ја отвори сезоната со триумф во Суперкупот бидејќи во 2023 загуби од Вардар, а лани од Алкалоид.

Својата доминација во домашниот ракомет ќе се обиде да ја потврди денеска, повторно во Суперкупот каде за ривал ќе го има Вардар, а натпреварот ќе се игра во Кавадарци. Слично како скопскиот клуб, Пелистер ја отвора сезоната со нов тренер, шпанскиот стручњак Рубен Гарабаја кој летово го замени Раул Алонсо откако неговиот сонародник неочекувано го напушти клубот пред почетокот на подготовките. Гарабаја вечерва ќе дебитира на официјален меч и очекува успех на неговиот тим.

„Мислам дека имавме добра претсезона и најважно е што немавме сериозни повреди. Тоа што се случи се до денес - веќе не е важно. Вистинското натпреварување почнува вечерва со Суперкупот и ќе видиме поинакви тимови. Ќе видеме поинаков Вардар и сигурно поинаков Еурофарм Пелистер. Се надевам дека нашиот тим ќе биде уште подобар за разлика од подготовките. Мојата идеја е дека секој играч ми треба за секој натпревар, а не за цела сезона. Сакам да го користиме секој ракометар на секој натпревар, бидејќи сакаме да играме силно темпо. Имаме добри играчи на сите позиции и ги имаме по двајца или тројца по позиција. Се надевам дека тоа ќе го искористиме“, вели Гарабаја.

Пелистер оваа сезона повторно ќе ја претставува Македонија во Лигата на шампионите, а дуелот со Вардар ќе биде вистински тест за можностите на тимот.