Суперлигата ги доби групите за 2020/21 сезона, Металург и Бутел заедно (ФОТО)

Македонската ракометна Суперлига ги доби контурите за натпреварувачката сезона 2020/21, со денешната ждрепка за групите, која се одржа во просториите на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).

Транспарентно и со „стрим“ во живо на официјалниот канал на РФМ, извршено беше извлекувањето за натпреварувачкиот систем, кој првпат се практикува во Македонија. Според него, се игра во две групи со по седум екипи, поделени според пласманот во претходната сезона, прекината поради коронавирусот.

Фаворитот Металург е во групата Б, каде што се наоѓа и вториот македонски претставник во квалификациите од Европската лига на ЕХФ, Бутел Скопје. Носител во групата А, пак, е Охрид, а негов најголем ривал би требало да биде Пролет.

Натпреварите почнуваат на 12/13 септември и ќе се игра 14 кола, секој со секого дома и на гости. По завршувањето на групната фаза, најдобрите три екипи од двете групи ќе продолжат во плејоф, каде што ќе им се придружат Вардар и Еурофарм Пелистер, а екипите пласирани од четврто до седмо место ќе се состават во плејаут фаза и ќе играат за опстанок. Опстанок ќе обезбеди само првопласираниот од плејаут-фазата, вториот ќе игра бараж со шампионот на Прва лига, а сите останати испаѓаат во Прва лига.

1. КОЛО:

ГРУПА А: Јуниор Кисела Вода - Пролет, Астраион - Радовиш, Голден арт КЛ-7 - Охрид, слободна е Струга

ГРУПА Б. Металург - Еурофарм Пелистер 2, Работнички - Бутел, Младост Богданци - Тиквеш, слобден е Прилеп