Скубе си оди од Вардар: Фала ви за сѐ, патиштата пак ќе ни се спојат!

Сташ Скубе е најновиот ракометар на Вардар кој ќе го напушти клубот ова лето. Потврди самиот на својот профил на Инстаграм, без да открие која е неговата нова дестинација.

Иако во февруари Вардар иницијално се стабилизира од неколкуте заминати играчи, сепак јасно е дека оној што може ќе си најде нов ангажман. Сташ Скубе не зборуваше многу за извесноста на својата иднина во последниов период, но сега недвозмислено потврди дека си заминува од Вардар.

„Има само неколку добри спомени, но ова беше повеќе од тоа. Горд сум што го носев дресот на Вардар две години и горд сум на сето она што го постигнавме во последниов период! Секако, освојувањето на Лигата на шампионите минатата година беше еден од најдобрите денови во мојот живот! Би сакал да им се заблагодарам на соиграчите, на навивачите и на луѓето кои не поддржуваа и во добро и во лошо. Му посакувам на Вардар се најдобро и се надевам дека во иднина клубот ќе биде на нивото на кое заслужува. Ќе го напуштам Скопје ова лето, но сугирен сум дека нашите патишта повторно ќе се вкрстат. Вистинската љубов има навика да се враќа! Еден живот, една љубов!“, напиша Словенецот на Инстаграм

Тој имаше договор до јуни 2022 година, го потпиша лани по завршувањето на Ф4-турниорт во Келн, меѓутоа откако Вардар покажа сериозна финансиска нестабилност оваа сезона и тој си побара нова дестинација. Уште минатото лето имаше интерес од ПСЖ за него, но тој договор пропадна, иако уште тогаш се знаеше дека тимот предводен од Раул Гонзалес летово ќе остане без средниот бек Сандер Сагосен. 

Скубе дојде во Вардар на почетокот на сезоната 2017/18, како замена за Лука Циндриќ и за кратко време ги освои срцата на вардаровите навивачи и ги оправда очекувањата за расен оранизатор на играта, носејќи сам на грб голем број натпревари и вмешувајќи се неколкукратно во изборот за најдобрите во ЛШ.