Прв пораз за Вардар: Пелистер го најде „лекот“ за вечниот ривал!

Актуелниот македонски шампион Пелистер успеа да го совлада главниот ривал за титулата Вардар со 28-23 во 16. коло од ракометната Суперлига.

По воведното водство на Пелистер (2-1), Вардар ги презема работите во свои раце и набрзо поведе со „плус три (8-5), а посебно на теренот се истакна голманот Милош Валах.

Битолчани, сепак, успеаја набрзо да влезат во одлична серија и да ги искористат грешките на „црвено-црните“ за на полувремето да заминат со предност од 13-10, откако меѓу стативите блесна Саид Хаидаридад.

Вардар се соочи со големи број технички грешки во вториот дел, а тоа знаеше како да го казни Пелистер и да поведе со 21-15.

Скопскиот тим се бореше да ја врати неизвесноста и намали на 18-21, меѓутоа Пелистер возврати со мини-серија од 3-0, по што стана јасно дека бодовите ќе останат во Битола (28-23).

Најефикасен во победничкиот тим беше Богдан Радивојевиќ со девет голови, додека голманот Хаидаридад запиша 11 одбрани. На спротивната страна Дмитро Хориха постигна пет погодоци, а Валах запиша седум интервенции.

Вардар останува на првата позиција во домашниот шампионат со 30 бодови, по што следи Пелистер со 28, додека Охрид и Алкалоид имаат по 23 поени.