Беќири: Ќе играме против тим кој минатата сезона играше во Лигата на шампионите
Стратегот на тетовци, Јетон Беќири е свесен дека пред нив имаат еден силен противник, но сепак го истакна домашниот терен како предност за Шкендија.
„Ќе играме против исклучително квалитетен тим кој минатата година играше во групната фаза од Лигата на шампионите, но секогаш кога играме дома, иамме позитивни настапи. Се надевам дека ќе се претставиме на наајдобар начин, ги имаме сите предуслови за да обезбедиме резултат со кој и во последното коло ќе останеме во игра за место помеѓу првите 24 екипи на табелата“.
Смета и дека екипата заслужила повеќе во претходните натпревари.
„Играме историска сезона за нас и во изминатите четири натпревари, кога се бодовите во прашање, екипата доби помалку од она што заслужи, посебно на последните две средби. Но, фудбалот е таков, во одедени моменти имате среќа, а некогаш противникот ве казнува. Најважно е што уште сме во игра за пласман во следната фаза, ќе направиме се што можеме за да освоивме подобри резултати во овие два натпревари“, изјави Беќири.
Натпреварот против Слован Братислава во Скопје е закажан за во терминот од 18:45 часот.