Тренерот на Интер е бесен: Неправда, па тоа е неправда!

Дербито на Лигата на шампионите меѓу Интер и Ливерпул заврши во жестоки полемики, откако англискиот тим триумфираше со гол од пенал во 88. минута – одлука што го разлути тренерот на „нераѕурите“ Кристијан Киву, кој отворено рече дека неговиот тим бил оштетен.

Доминик Собослај го реализираше спорниот пенал досуден по минимален контакт, кога Алесандро Бастони го повлече за дрес Флоријан Вирц. Иако имаше допир, ситуацијата изгледаше далеку од доволна за најстрога казна, особено во пресметка од ваков ранг. Но судијата Феликс Цвајер, по интервенција на ВАР, сепак покажа на белата точка – на големо негодување кај Интер. Тренерот Киву по мечот не ја криеше фрустрацијата.

„Ова е неправда. Ретко коментирам судии, но мораме да зборуваме за тоа што гледаме во Лигата на шампионите. Главниот судија беше во идеална позиција и процени дека нема пенал. ВАР мора да ја разбере динамиката на играта, а не да ја менува неговата првична проценка“, рече тој, дополнувајќи дека е згрозен од одлуката.

Киву истакна дека Интер мора да се бори против вакви моменти.

„Мораме да ги прифатиме одлуките, но и да научиме како да се справуваме со неправдата. Ова беше тежок удар“, дополни стратегот на миланезите.

Романскиот тренер смета дека најреален резултат ќе бил реми.

„Со начинот на кој течеше натпреварот, нерешено беше единствениот фер исход. Немавме енергија во првото полувреме, подоцна најдовме решенија, но по двете принудни измени останавме без свежина“, додаде тој.

ФОТО: EPA PHOTO