Потоп во Добој: Загреб го растури Пелистер со 18 разлика!

Македонскиот првак Пелистер испушти шанса да се пласира во финалето од Меѓународниот ракометен турнир во Добој откако вечерва доживеа дебакл од Загреб во последното коло од групната фаза.

Хрватскиот тим славеше со 37-19 и утре ќе игра за пехарот против Ал Ахли од Египет кој го освои првото место во другата група во која беа уште Бешикташ и домаќинот Слога. Пелистер очајно го одигра овој натпревар, уште во почетната фаза отиде во висока негатива која на полувреме изнесуваше 11 разлика (9-20).

Разликата продолжи да се зголемува и во вториот дел, Загреб во финишот водеше и со 19 гола разлика (37-18) за во финишот Пелистер да намали за еден гол и да го постави конечниот резултат.

Цикатиќ со пет гола беше најефикасен во тимот на Пелистер, а се истакна голманот Филип Ивиќ со 11 одбрани. Пелистер го освои третото место во својата група поради најслаба гол-разлика и покрај тоа што освои 6 бода, како и Загреб и Татабања.