Астон Вила со спектакуларен пресврт го закова Евертон на дното (ВИДЕО)

Фудбалерите на Евертон долго ќе жалат за пропуштената шанса за први бодови сезонава во Премиер лигата, со оглед што со голем пресврт загубија во вечерашното гостување кај Астон Вила (2-3).

Тимот од Ливерпул имаше идеална ситуација по првите половина час, откако со головите на Мекнил во 16. минута и на Калверт-Левин во 27. минута неочекувано одлично го отворија натпреварот. Тоа не ги депримира домашните, кои само десетина минути подоцна преку Воткинс го постигнаа првиот погодок на средбата. Истиот фудбалер го изедначи резултатот во 58. минута, додека Дуран со спектакуларен удар во 76. минута погоди за целосен пресврт и еуфорија на стадионот во Бирмингем.

За Астон Вила ова беше трета победа во четвртиот меч по која се искачи на третата позиција на табелата со девет бодови, додека Евертон и загуби четврти пат по ред и сега со Саутемптон е единствен тим во англиската елита без ниту еден бод.