Евролигата тргна со две драми: Дубаи им се реваншираше на „кралевите“ (ВИДЕО)
Дубаи така му се реваншираше на Реал Мадрид за поразот во полуфиналето на Суперкупот минатиот викенд. Домаќините подобро го отворија натпреварот и по првата четвртина имаа 20-16. Реал, сепак, во вториот период одигра многу подобро. „Кралевите“ ја добија четвртината со убедливи 28-18 и на полувреме заминаа со предност од 44:38.
Во продолжението се водеше рамноправна битка, а Дубаи брзо ја анулираше негативата и го врати натпреварот во неизвесни води. Реал на три минути до крајот водеше со 77-71 и се чинеше дека е на чекор до победата. Но, потоа следуваше целосен пресврт. „Кралевите“ до крајот не постигнаа ниту еден поен, додека Дубаи направи серија од 8:0 за голем триумф.
Мекинли Рајт беше човекот на одлуката, погодувајќи за 78-77 на 51 секунда до крајот. Најефикасен кај Дубаи беше Бејкон со 24 поени, додека кај Реал Луваву-Кабаро и Маледон постигнаа по 11.
Возбудливо беше и во Софија, каде што Баерн Минхен успеа да го совлада Хапоел Тел Авив со 86-84.
Германскиот тим имаше огромна предност од 18 поени на стартот од последната четвртина (75:57), но Хапоел не се предаде. Израелците направија голем камбек, а на 89 секунди до крајот преку Елајџа Брајант дури стигнаа и до водство од 84-83. Сепак, последниот збор го имаше Баерн. Јоханес Војтман на 34 секунди до крајот погоди тројка за 86-84, резултат кој остана на сила до последниот звук на сирената.