Aнглија е пред укинување на забрана која е на сила 41 година!
Британците не смеат да консумираат алкохол на фудбалските стадиони уште од 1985 година, но тоа наскоро би можело да се промени. Тогаш Маргарет Тачер забрани консумирање алкохол во близина на теренот во првите пет лиги на машкиот фудбал.
Во тоа време, тогашниот министер за внатрешни работи Леон Британ изјави дека алкохолот е главен фактор кој придонесува за насилство и нарушување на јавниот ред и мир на фудбалските терени.
Четири децении подоцна, Здружението на фудбалски навивачи смета дека застареното законодавство треба да се преиспита, а Енди Барнам се согласува.
Освен што ја предводи Лабуристичката партија и ја извршува функцијата премиер, Барнам е голем љубител на фудбалот и навивач на Евертон.
„Мислам дека овој закон датира од ера кога фудбалот беше многу поинаков. И навистина верувам дека постои причина да се отстрани оваа дискриминација. Постојат различни начини на кои тоа би можело да се направи. Тоа би можело да се случи на пробна основа“, изјави Барнам за време на посетата на Обединетите нации во Њујорк.
Оваа иницијатива, сосема сигурно, ќе ја поддржат илјадници навивачи ширум Британија.
„Нема да се откажам од мојот долгогодишен став. Не гледам како може да биде фер кон навивачите на еден спорт да се постапува поинаку во однос на навивачите на друг спорт“, додаде тој.
Промената веќе успешно е спроведена во женскиот фудбал. Во јули, двете највисоки лиги во женскиот фудбал потврдија дека ќе им дозволат на навивачите да пијат алкохол на трибините за време на натпреварите, по 18-месечниот пробен период кој започна во јануари 2025 година.