Роберто Карлос шокираше: Изгубив 99% од парите што ги заработив како играч!
Карлос призна дека погрешните одлуки довеле до тоа да изгуби речиси сè што заработил во текот на својата исклучително успешна кариера.
„Сè низ што поминав како играч практично ме остави со нула на сметката. Изгубив 99 проценти од заработката. Но, успеав повторно да го средам својот живот. Мислев дека ќе станам тренер бидејќи работев со некои од најдобрите тренери во светот. Сакав да започнам во мал клуб, а потоа станав спортски директор и кондициски тренер. Имав проблеми со менаџерите и семејството. Изгубив сè што имав“, изјави Роберто Карлос.
Роберто Карлос кариерата ја започна во Бразил, а по настапите за Палмеирас и Интер, во 1996 година пристигна во Реал Мадрид, каде што помина 11 години. Со Реал освои четири титули шампион на Шпанија и три трофеи во Лигата на шампионите, а беше познат по својата брзина, силниот удар и легендарните слободни удари.
За Бразил настапи повеќе од 120 пати и го освои Светското првенство во 2002 година, а учествуваше и на Мундијалите во 1998 и 2006 година. Особено е познат по неверојатниот слободен удар против Франција во 1997 година.
По играчката кариера се обиде како тренер, водејќи ги, меѓу другите, Сиваспор и Акхисарспор во Турција, како и Дели Динамос во Индија, каде што беше и играч-тренер. Подоцна работеше на различни позиции поврзани со Реал Мадрид, вклучувајќи амбасадорски и раководни функции.
Фото: FIFA/X