Без победник во првиот натпревар на „Трофеј Македонија“

Репрезентациите на Хрватска и Црна Гора ремизираа 20-20 во првиот натпревар на турнирот „Трофеј Македонија“ кој се игра во салата „Билјанини Извори“.

Натпреварот донесе интересен ракомет и неизвесна завршница во која Црна Гора во последните секунди дојде до реми.

По почетните минути и резултатот 5-5, Црна Гора заигра нешто подобро и поведе со 10-6. Сепак, финишот од првото полувреме им припадна на хрватските ракометарки кои до паузата намалија на „минус еден“ (11-10).

Неизвесноста продолжи и во второто полувреме кога ниту една репрезентација не успеваше да се „одлепи“, па така на крајот немаше и победник.

Ѓурѓина Јауковиќ која го постигна последниот гол за реми беше избрана и за МВП на дуелот.