Пелистер потопен во Билјанини извори, Охрид победник на турнирот „Крсте Андоноски“

Откако минатата недела триумфираше на турнирот во Струга, екипата на Охрид денеска го освои и турнирот „Крсте Андоноски“ во своја организација, во салата „Билјанини извори“.

Во финалниот меч, амбициозниот охридски прволигаш го совлада шампионот Пелистер со 31-26 и првпат во историјата дојде до пехарот на турнирот. Победата е апсолутно заслужена имајќи предвид дека Охрид водеше речиси цел натпревар, но треба да се има предвид дека Пелистер на овој турнир настапи некомплетен, без Кузмановски, Вејин и Кузмановски, а повредени се и двајцата голмани кои, сепак, се најдоа во тимот.

Пелистер ја испушти својата шанса за пресврт во финишот од мечот, во моментите кога намали на 23-25 и имаше двајца ракометари повеќе на теренот. Место да го зголемат притисокот, битолчани примија два гола и му дозволија на домаќинот да направи недостижна предност.

За најдобар играч на турнирот е прогласен хрватскиот интернационалец во редовите на Охрид, Анте Иванковиќ.