
Барса се врати на навиките од минатата сезона, губеше 0-2 и - победи (ВИДЕО)
Поради реновирањето на Камп Ноу, каталонскиот тим има гостувања во првите три кола, но по триумфот против Мајорка минатата недела, денеска ги однесе бодовите и од Валенсија. За тоа му требаше многу повеќе напор бидејќи за разлика од пред седум дена, вечерва имаше негатива од два гола по 45 минути игра, но како многу пати минатата сезона, со пресврт успеа да дојде до победата.
Леванте го шокираше големиот фаворит, прво преку Ромеро во 15. минута, а потоа длабоко во судиското продолжение кога преку Моралес од пенал поведе со 2-0. Пресвртот почна непосредно по првиот судиски свиреж во второто полувреме, Педри со прекрасен удар од далечина намали, а веќе во 52. минута Феран Торес израмни на 2-2, па Барса доби 40-тина минути за да дојде до гол за победа.
По многу обиди и удари, помош дојде од противничкиот табор. Во првата минута од судиското продолжение, Јамал нафрли пред голот на Леванте, а таму Елгесабал во обид да расчисти, го измами својот голман и ја затресе мрежа за водство и победа на Барселона со 3-2. Интересно е тоа што Барселона победи на последните четири натпревари на кои имаше негатива од два гола: Атлетико (4-2), Селта (4-3), Реал (4-3) и Леванте (3-2). За каталонскиот тим претстои уште едно гостување, против Рајо Ваљекано идната недела по што, веројатно ќе се врати на својот стадион.