Пелистер го оддува младиот Металург со 16 разлика

Второто коло во ракометната Супер лига донесе два меча во Битола, од кои едниот беше апсолутно неизвесен и драматичен, а вториот заврши со 16 разлика за фаворитот.

Првото дерби во македонската ракометна елита заврши без победник, 21-21. Охрид му гостуваше на Еурофарм работник во Битола и си замина непоразен, иако може да жали и што не победи. Охриѓани беа подобар противник во првиот дел, кој го добија со 14-10. Во вториот дел Еурофарм почна да ја крева својата игра, особено во завршната четвртина од мечот, кога со серија од три гола изедначи на 18-18. Охрид повторно поведе, имаше и 21-19, но домаќините изедначија на 21-21 на три минути до крајот и тој резултат остана конечен. Гоце Ојлески беше најефикасен кај домаќините со осум гола, еден помалку постигна Бобан Блажевски во тимот на Охрид.

Втората пресметка во Битола беше целосна спротивност на оваа, бидејќи Пелистер го совлада Металург 2 со 37-21. Првиот дел не беше толку катастрофален, бидејќи заврши 18-13 за фаворитот, но веќе во вториот, подмладокот на Металург загуби ритам и уште во првите десет минути остана на двоцифрена негатива. Филип Лазаров беше стрелец број еден, со седум гола, по шест постигнаа Реваз Чантурија и Михајло Митиќ. Мартин Серафимов го предводеше Металург 2 со шест погодоци.

Тесен натпревар се одигра и во Прилеп, каде што домаќините славеа против Пролет со 29-27. Мечот се одвиваше неизвесно во сите 60 минути и ниту една екипа не можеше да се одлепи. Гостите водеа со 14-13 на паузата, а Прилеп заигра поорганизирано во второто полувреме. Во финишот првпат се одлепи на плус три, со 25-22 и успеа таа предност да ја претвори во конечна победа. Менде Петкоски со осум, и Кристијан Вешоски со осум, односно со седум гола го предводеа Прилеп, а кај Пролет тројца имаа по четири гола зад своето име, Ласко Андоновски, Доне Мајнов и Виктор Горздановски. 

Второто коло ќе го комплетираат Вардар јуниор и Радовиш, утре во 18 часот, а слободен е Борец. На табелата води Охрид со четири бода, зад него по три имаат Пелистер, Радовиш, Прилеп и Металург 2, но радовишани се единствените кои можат да имаат максимални шест бода ако утре го совладат младиот Вардар.