Охрид ќе игра за трофеј во купот, го прегази Пелистер во полуфиналето!

Ракометарите на Охрид се првиот финалист во Купот на Македонија откако денеска го прегазија Пелистер во првото полуфинале на завршниот турнир во Струмица со 26-19.

Пелистер денеска беше далеку од посакуваното ниво, избраниците на Алушовски беа рамноправен ривал само во почетните минути. Охрид набрзо ја презема контролата и со неколку мини-серии си обезбеди висока предност од 13-7 уште на полувреме.

Подобрата игра на охриѓани продолжи и во вториот дел па така дојдоа и до двоцифрена разлиак од 20-10. Пелистер се обиде да се врати кога со серија од 4-0 во последните десет минути дојде на 22-16.

Но, сепак Охрид не дозволи никаква драма, серијата на битолчани беше прекината од Јасихира кој во тој момент и се повреди и сигурно дека ќе биде проблем ако Ројевиќ не може да смета на него во финалето кое на програмата е в недела.

До крајот во последните минути следеше само рутинска завршница, противникот во битката за трофејот Охрид ќе го дознае вечерва од 20:00 часот кога во салата „Парк“ ќе истрчаат Вардар и Алкалоид.

Во редовите на Охрид, Ѓукиќ и Јагуриновски беа најефикасни со по пет гола, се истакна и голманот Пилиповиќ со осум одбрани, додека за Пелистер не беа доволни деветте гола на Кузмановски.