Чеферин: Нема да дозволиме фудбалот да биде само за богати!
Една од темите беше и цената на билетите која за овој Мундијал во САД е повисока во однос на претходните, а Чеферин порача дека негова цел за фудбалот во Европа е фудбалот секогаш да биде достапен за сите, па така ќе остане и за Еуро 2028.
„Сигурни сме во себе бидејќи добро знаеме дека фудбалот во Европа е повеќе од спорт. Тоа е дел од нашата култура и историја и ние не можеме и не сакаме да дозволиме на нашите натпревари да доаѓаат само богати луѓе. Имаме јадро на навивачи за кои цените на билетите мора да бидат прифатливи. ФИФА има друг принцип, но тоа на некој начин не е мој проблем. Ние апсолутно ќе истраеме на тие ниски цени за Европското првенство. Честопати кога разговарам со комесарот на НБА или со други, гледам дека таму владее поинаков менталитет. Во Америка, ако кажете дека билетот е 5.000 долари, оној што нема пари – не доаѓа. Кај нас, ако ги подигнеме цените, секој ќе каже: „Фудбалот е мој, не можеш да ми го одземеш“. Би имале луѓе на улиците и сметам дека би биле во право. Сè уште работиме добро, сè е одлично, зошто би ги кревале цените? Не е сè во парите“.
Кога е ВАР-системот Чеферин нема дилеми дека многу помогнал на фудбалот.
„На прашањето за ВАР нема само еден одговор. Сметам дека во многу работи помогна, но во многу други целосно се согласувам со вас. Ако имате „долг нос“, тоа не значи дека сте во офсајд – тука нема фудбалска логика. Правилото за игра со рака е такво што веќе никој не знае што е прекршок. Тоа треба да им се препушти на судиите сами да одлучуваат. Сепак, ВАР е одличен за офсајд. Моментално работиме со ИФАБ да го промениме правилото, така што целото торзо ќе мора да биде во офсајд, за да не се суди офсајд за еден сантиметар. Тоа би имало повеќе фудбалска логика. Исто така, ВАР е корисен за одредување дали прекршокот е внатре или надвор од казнениот простор. Сметам дека во европските натпреварувања добро го користиме бидејќи сè се одвива брзо, додека во некои лиги гледам дека трае по десет минути, што малку ја одзема енергијата. Сепак, никој не може да каже дека не е фер ако јасно се гледа офсајдот. Денешните фудбалери се многу брзи. Ниту еден судија не може да ја следи брзината на играчи како Јамал, Мбапе или Винисиус, и тука технологијата многу помага. Но, честопати им велам на нашите соработници: интервенцијата на ВАР треба да биде само ако станува збор за јасна и очигледна грешка (clear and obvious mistake), а не за секоја ситница“.
Македонија и Словенија ќе играат во иста група од Лигата на Нации, па и тоа беше тема во интервјуто.
„И едната и другата се сериозни екипи, а и целата група – Шкотите и Швајцарците, ние и вие. Тоа е група во која секој може секого да победи, мислам. Ќе биде тежок, навистина тежок натпревар. За Словенија…му реков денес на вашиот селектор малку да се смири против Словенија, а да игра посериозно против Швајцарија и Шкотска“.
Чеферин зборуваше и за Финансискиот фер-плеј за кој објасни зошто е подобра опција од „Селари кап“.
„Една од најважните работи е клубовите да бидат одржливи (sustainable). Ако јас вложам многу пари во клуб и потоа заминам, сè ќе се сруши. Затоа мораме да внимаваме на изворите на приходи и на стабилноста на клубовите. Нас не ни значи ништо ако некој богаташ купи клуб како играчка, инвестира три години и потоа одеднаш изгуби интерес. Тоа води кон пропаст на буџети од милиони евра. Подобро е клубот да работи на пониско ниво, отколку да оди во стечај, што често се случуваше претходно“.
Комплетното интервју со претседателот на УЕФА можете да го погледнете во продолжение.