Кузмановски: Овој пораз боли, треба добро да размислиме како изгледавме на теренот

Екипата на Пелистер денеска доживеа тежок пораз од Охрид во полуфиналето од Купот на Македонија со 26-19, а по дуелот искрен беше капитенот Филип Кузмановски.

Кузмановски кој средбата ја заврши со девет постигнати погодоци призна дека поразот боли, а вината ја гледа само кај нив самите.

„Самите сме виновни за овој пораз, навистина боли, Пелистер секогаш сака да оди на победа, но денеска имавме лош ден од почетокот до крајот. Сега останува да сме фокусирани на натпреварите во првенството и да одиграме како што знаеме. Криво ми е, ќе мора добро да размислиме како изгледавме денеска на теренот, навистина не бевме тој препознатлив Пелистер, како на последниот натпревар со Алкалоид. Честитки до Охрид и им посакувам среќа во финалето“, изјави Кузмановски.

Во второто полуфинале вечерва од 20:00 часот се среќаваат Вардар и Алкалоид, додека финалето на програмата е в недела во истиот термин.