
Новите играчи во Пелистер едногласни: Дојдовме за да освојуваме трофеи!
Таму се приклучија дел од новите ракометари кои ќе имаат задача да го задржат континуитетот на тимот кога станува збор за освојувањето трофеи, односно шампионската титула која три години е во Битола. Сите тие се едногласни дека се дојдени за да го задржат Пелистер на врвот.
„Ова е мој втор ден тука, вчера првпат тренирав со новите соиграчи. Сите ми даваат поддршка и верувам дека ќе се наметнеме и ќе освојуваме трофеи. Најнапред целиме на сите домашни трофеи, а потоа посакувам добра сезона во Лигата на шампионите“, вели Ибрахим Калед Валид кој во битолскиот тим дојде од Бешикташ.
Ник Хенигман е словенечки интернационалец кој претходните три сезони ги помина во Франција, во екипите на Сен Рафаел и Шартрес.
„По една недела во Битола, вчера стигнавме на Златибор. Добро работиме и многу тренираме и продолжуваме со подготовките. Цел ни е уште подобро да се подготвиме, затоа што нè чекаат многу нови предизвици, нови натпревари. Верувам дека ќе го освоиме домашниот шампионат и Куп и што е можно подобро да одиграме во Лигата на шампионите. Уште еден месец, па ќе играме во Битола. Едвај чекам да играм пред нашите навивачи, пред луѓето кои секогаш нè поддржуваат, пред „Чкембарите“', вели Хенингман.
И Рудолф Хекберт летово го засили Пелистер, тој е Бразилец кој игра на позицијата десно крило, а дојде од шпанската Куенка.
„Моите први импресии се многу позитивни. Сите соиграчи ме примија многу добро. Одлично се чувствувам, многу ми се допаѓа градот и клубот и едвај чекам да започне домашното првенство и Лигата на шампионите. Очекувањата се највисоки и желен сум за натпревари пред нашите навивачи“, изјави Хекберт.
Пелистерци ќе останат на Златибор до 14 август кога се враќаат во Битола, а потоа е учествуваат на турнири во Охрид од 19 до 23 август и во Скопје од 28 до 31 август.