Почина спорскиот директор на Порто - му се слошило во тренинг базата на клубот

По загинувањето на Диого Жота и неговиот брат во сообраќајна несреќа, како и несреќата со голманот Џеферсон Мерли кој се удави во река, денеска се случи уште една трагедија во Португалија.

На 53-годишна возраст, неочекувано почина спортскиот директор на Порто и поранешен португалски репрезентативец Жорге Коста. Несреќата се случила попладнево, во тренинг базата на клубот кога доживеал инфаркт пред очите на своите соработници. Веднаш му била укажана помош, со возило на брза помош бил одведен в болница, но не успеал да се врати во живот. Коста имал срцев удар и во 2022 година, но му биле вградени стентови и со нив живеел последните три години.

 

 

Жорге Коста беше еден од најдобрите португалски и европски дефанзивци пред крајот на минатиот и почетокот на овој век. За репрезентацијата запиша 50 настапи во периодот од 1992 до 2002 година, а 15 години беше член на Порто со тоа што три сезони помина на позајмици. Освои осум шампионски титули и пет Купа на Португалија, трофеј во Купот на УЕФА, како и во Лигата на шампионите во 2004 година, со една од најславните генерации на Порто, предводена од Жозе Мурињо. Токму Коста беше капитен на тој тим и ги крена пехарите по големите успеси.

По завршувањето на играчката, Коста почна тренерска кариера, водеше голем број клубови во татковината и странство, но никаде не се задржа повеќе од две години. За спортски директор на Порто беше назначен во јуни 2024 година.