
Нов тренер на Пелистер е - прославен шпански репрезентативец!
Изборот повторно падна на шпански стручњак и тоа прославениот поранешен репрезентативец на оваа земја Рубен Гарабаја Аренас. Новиот тренер на македонскиот првак потпиша договор на една сезона, со можност за продолжување на соработката на уште една.
Гарабаја има 46 години и полна витрина медали и одличја од богатата играчка кариера. Играше 168 пати за шпанската репрезентација на позиција кружен напаѓач, постигна 318 гола и освои светска титула од Тунис 2005 година, сребро од Европскиот шампионат во Швајцарија следната година, бронза од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година и Мундијалот во Шведска во 2011 година. Рубен Гарабаја доаѓа од Астурија, кариерата ја започна во Адемар Леон (освои Куп на Кралот и ЕХФ Куп на Купови), играше за Фригорификос де Моразо и Ваљадолид, за 2007 година да го облече дресот на Барселона. Со Барса освои три АСОБАЛ лиги, два Купа на Кралот, а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10. Од 2010 до 2018 година настапуваше за Натухаус Ла Риоха од Логроњо, клуб во кој ја заврши играчката и ја започна тренерската кариера.
Првиот ангажман го имал во Логроњо како асистент тренер во 2018 година. Три години бил во Ла Риоха по што следувал првиот меѓународен предизвик како селектор на женската репрезентација на Кина. Во 2021 година на покана на Роберто Гарсија Парондо, поранешен предводник на Вардар, работел како асистент во египетската репрезентација и во овој период од две години освоил злато од шампионатот на Африка и сребро од Медитеранските игри. Во 2022 година почнал самостојна тренерска кариера во шпанскиот клуб Синфин Сантандер, каде што работеше се до повикот од Битола.
Шпанецот се очекува да пристигне во земјава во текот на денешниот ден, а утре ќе ги почне подготовките со Пелистер кого ќе го води во домашните натпреварувања (првенство, Куп и Суперкуп), како и во Лигата на шампионите.