
Милано: Тажен си одам од Вардар, штета за сѐ...
Тој пред неколку недели потпиша продолжување на договорот со црвено-црните, но во меѓувреме тимот предводен од него ја загуби клучната битка за шампионската титула на домашен терен против Пелистер. Пропуштената шанса го чинеше прекин на соработката, која во еден момент изгледаше идилично, особено по триумфот на вардарци во првиот плејоф-дуел во Битола и потоа со освојувањето на трофејот во Купот на Македонија.
„Си заминав за Аргентина од две причини – да се одморам, но и поради прекинот на соработката со Вардар. Не знам што се случи, тажен си одам. Штета за сѐ...“, ни изјави Милано.
Официјално потврдениот прекин од страна на стручњакот од Аргентина значи дека Вардар летово освен што ќе брка квалитетни засилувања на теренот ќе се обиде да ангажира и адекватно добар тренер со цел да ја прекине доминацијата на Пелистер и титулата повторно да ја врати во Скопје.