Михајловски: Чупиќ уште во 2017 години ми предложи да биде тренер на Вардар

Претседателот на Вардар, Михајло Михајловски денеска го претстави Иван Чупиќ за нов тренер на поранешниот европски шампион.

Хрватскиот стручњак помина во Вардар пет години од својата играчка кариера, а откако лани почна тренерска кариера, сега се врати на местото на големиот успех, но во друга улога. Михајловски е пресреќен што Чупиќ повторно е во Скопје и што кончено му се исполнила желбата од пред осум години.

„Памтите кога во 2017 година Чупиќ во последната секунда му даде гол на ПСЖ за да ја освоиме титулата во Лигата на шампионите. Уште тогаш покажуваше амбиции да биде тренер, дури и ми предложи да почне тогаш да работи како тренер кај нас. Тогаш тоа ми беше шокантно и го одбив, но сега е подготвен за оваа работа.

Минатата сезона, за жал, Вардар го освои само Купот на Македонија, во Европа буквално за влакно не ја поминавме групната фаза. Многу сум разочаран што ја загубивме титулата на домашен терен. После тој меч цела недела не сакав за ракомет да зборувам. Го победивме Пелистер во Битола во пеколна атмосфера, потоа и во Купот лесно го победивме, а на крајот кога требаше дома да славиме, загубивме. Според мене, најголем виновник за тој пораз беше тренерот, а потоа играчите. Во новата сезона целта е конечно по три години пост да ја освоиме титулата а секако и Купот да го одбраниме. Во Лига на Европа целта ќе ни биде да бидеме во топ 8“, рече Михајловски.