Вардар се врати во 2013, фали уште Самсоненко пак да седне на клупата!

Вардар се врати шест години наназад во својата еволуција како клуб, ко да не созреал за две титули, три фајналфори и повеќе од една рака четвртфиналиња и осминафиналиња. По три победи и еден пораз во Лигата на шампионите некој го повлече тренерското столче од под Давид Писонеро и го седна на него Едуард Кокшаров, неодоливо потсетувајќи нè на октомври 2013 кога по сличен принцип Сергеј Самсоненко стана тренер на грбот на Зоран Кастратовиќ.

ВЛАДКО АРСОВ

Секој, чие срце барем еднаш затреперило за Вардар има грст причини да се лути и да е незадоволен по поразот од Кил, ем дома, ем со 11 разлика. Ама ваква смена како по директива на централен комитет е тотално несфатлив, нелогичен и крајно импулсивен потег.

Па зарем толку длабочина имаше темелната летна селекција на нов тренер? Еден пораз во ЛШ ли вредела довербата влеана во Писонеро, патем, поткрепена со нови ракометари и останувањето на многуте стари? Вака и во 2013, исто во октомври, предвремен фајронт го снајде Зоран Кастратовиќ. Само тогаш тој целосно го напушти ветувачкиот проект, а сега Писонеро ќе „игра“ помошник на Кокшаров.

Тој, барем, играше ракомет и веќе има тренерско искуство, за разлика од Самсоненко лично и персонално, кој во таа 2013 седна на клупата и држеше тајмаути.

Да можеше да ги ресетираме мислите на месец јуни 2019, може да дадеме проценка дека човекот и не е толку нелогично решение за нов тренер на Вардар. Селектор е на руската репрезентација, ќе биде заедно со 4-5 свои репрезентативци, а и останатите веќе го знаат затоа што ја одработува функцијата спортски директор во клубот долго време.

Но, „форвард“ напред – не бидна така! Наместо тоа Вардар внимателно одбра друг тренер, за нас анонимен Шпанец, од истиот расадник на Раул и Парондо, само за да продолжи магијата. И сеган одеднаш Писонеро не е од ист ков на претходните двајца.

Ако раководството на клубот (читај Самсоненко) имаат некакви други проблеми со него – во ред – нека ги кажат. Вака изгледа дека еден натпревар им ја крои сезоната.

Колку и да беше срамен, колку и да удри по имиџот на клубот, многу незрела е сликата кога некој во целост му ја припишува вината само на тренерот. Па Вардар не пропушти да прави напади. Вардар немаше некаква почетничка одбрана, туку напротив, неколку пати создаде контри поради цврстата одбрана и четири пати си овозможи пенал. Шутираше 20 пати на голот во тоа гадно прво полувреме и...?

Писонеро е виновен што пеналите беа искористени 2 од 4, што контрите беа нула во гол, многу во пречки, а од 20-те шута само 11 завршија во рамки на пределот, кој, патем го бранеше господин Никлас Ландин?

Дибиров на прес-конференцијата по натпреварот рече: „Да промаши еден играч 2-3 зицера, ајде да разберам, ама сите играчи по 3-4 пати, е тоа не можам“. Нормално дека од тоа не можете да се вратите.

И повторно ќе дадеме резерва. Ако има причина поради која ракометарите би го бојкотирале Писонеро – „пеки“ – нека кажат. Ама не делуваше така два дена пред тоа, кога Дибиров со најголемата самодоверба откако е дојден во Скопје, фраерски го покани Кил „да победи во ‘Јане’ баш да го видам“.

Така што, ако односот играчи-тренер бил добар, како тоа само Писонеро да легне на гилотина поради бламажата во пола натпревар во тимски спорт? Како успеа Вардар за 30 минути да ја промени стратегијата, која требаше да го продолжи она кое трае веќе три години? Па токму играчите лани се лутеа што јавноста и ние новинарите немаме доволно доверба во нив и се чудиме како тоа ги победуваат на гости Веспрем и Монпелје, кога ние очекувавме некое болно сценарио, како сега Кил. На толку заминати ракометари и променети тренери и нередовни плати поголемо е чудото што досега паѓаа гиганти пред Вардар, одошто шокот дека загубиле од еден Кил. Ќутете што не се случи порано.

И сега, истите играчи кои лани бараа доверба од јавноста, целосно ја имаат, aма излезе дека одвнатре некој не верува во процесот. Во Монпелје имале нерви да го чуваат Патрис Канаје од 1994 до 2003 за прва титула (и уште пет години за втора и уште 13 за трета), во „Јане“ проблем се 30 лоши минути за да се урне макотрпно граденото и – пу, пу, не важи, ајде од ново!

Ако некој знае што прави – алал вера. Но ваквите инстант потези не даваат верба дека диоптерот во Вардар е далекосежен. Досега тоа се исплати, па избрзаните најави за напуштање на клубот се забораваа, но кон каде ли ќе плови бродот сега со измешани капетански чинови? Ако имаат план, нека го соопштат, ако не, секој има право да си суди и да верува дека во црвено-црното семејство се работи „од денес за утре“.