Почнува судењето на деценијата: Фелипе Маса ја бара „украдената“ титула и 80 милиони долари!

Поранешниот возач на Ферари, Фелипе Маса бара да биде признат како светски шампион во Формула 1 за 2008 година, и тоа 17 години по контроверзниот инцидент на Големата награда за Сингапур.

Освен титулата, Маса бара и отштета од 80 милиони долари од ФИА и Берни Еклстон, кои ги обвини дека го прекриле скандалот.

Инцидентот е од 2008 година, кога Луис Хамилтон ја освои шампионската титула. За време на трката, Нелсон Пике јуниор намерно излета од патеката со своето рено за да му овозможи предност на тимскиот колега Фернандо Алонсо, кој успеа да слави на крајот.

Маса ја загуби титулата од Хамилтон за еден поен таа година, а тврди дека би бил светски шампион ако не се случел инцидентот.

Поранешниот бразилски возач тврди дека загубил многу пари и признанија поради тоа што му се случило во 2008 година.