Битолските клубови влеаја 1,3 милиони евра во македонскиот ракомет!

Еурофарм Пелистер, заедно со својот братски клуб стануваат важен фактор во македонскиот ракомет, за што говори и сумата пари којашто ја вложиле двата клуба заедно во 2019 година.

Спојувањето на клубовите се дефинира на крајот од ноември, па практично годишните сметки се за два различни субјекта, сепак збирот во денари е импресивен за услови на македонскиот ракомет, особено што претставува почеток на еден уште поголем раст.

Еурофарм Пелистер имал буџет од 52,8 милиони денари, што му доаѓа некаде околу 860.000 евра, додека Еурофарм Пелистер 2 располагал со 26,8 милиони денари или околу 436.000 евра. На крај доаѓаме од сума од, без малку, 1,3 милиони евра вложена од компанијата Еурофарм и од општина Битола.

Во ноември минатата година, тие потпишаа „Платформа за ракометна Битола“, со која Еурофарм стана мнозински сопственик, со 75 проценти и на двата клуба, а на општината ѝ припаднаа 25 проценти. Со оглед на тренерските и играчите засилувања, вложувањата во ракометот во Битола несомнено ќе продолжат да растат, во блиска иднина, за што говорат и сериозните амбиции на Еурофарм Пелистер во европските конкуренции.

Оваа сезона, со измените во системот на натпреварување на ЕХФ клубот ќе се натпреварува во втората по ранг, новоформираната Европска лига, но во која има клубови со милионски буџети. Така што, ако Е. Пелистер планира да опстане во тоа друштво сигурно дека и идните годишни сметки ќе треба да покажуваат осум, па и деветцифрени суми во денари.