Алкалоид го осигура првото засилување за вториот дел од сезоната - од Битола!

Лидерот во македонската ракометна Суперлига, екипата на Алкалоид, го осигура првото засилување во новата година со најавениот ангажман на ракометар кој игра на позицијата среден бек, Мартин Ивановски.

Тој во „Автокоманда“ доаѓа од редовите на Пелистер 2, тим кој заврши без пораз во есенскиот дел од Првата лига. Ивановски мина две ипол сезони во Битола, а претходно настапуваше за РК Охрид и од него се очекува да внесе дополнителна конкуренција на позицијата среден бек. Таму веќе настапуваат македонските репрезентативци Игор Ѓорѓиев и Марко Митев.

Новиот „фармацевт“ досега беше дел од поширокиот список на македонската ракометна репрезентација, што дополнително говори за неговиот квалитет и потенцијал. Алкалоид по првата половина од сезоната е на врвот на табелата со 30 бодови, два повеќе од конкурентите Вардар и Пелистер.