Абутовиќ: Среќен сум што повторно ќе играм во ЛШ со македонски клуб

Илија Абутовиќ се врати во македонскиот ракомет и во новата сезона ќе биде дел од Пелистер. Неговото доаѓање во Битола предизвика реакции во спортската јавност бидејќи во минатото освојуваше титули со Вардар и стана вистински миленик на скопската публика.

Абутовиќ сега ја даде и својата прва изјава по пристигтнувањето во клубот и ги пренесе своите први импресии.

„Многу сум среќен што се вратив во Македонија и што повторно ќе играм во Лигата на шампионите со еден македонски тим. По тоа што го гледам, мислам дека ќе имаме добра и борбена екипа, со два добри голмани. Се надевам дека ќе извлечеме добар резултат во домашното првенство и Лигата на шампионите.

Цело време ги читам македонските медиуми, гледам натпревари. Го следев и македонското првенство, особено дерби пресметките. Ми се допаѓа што лигата е многу поправена и посилна, делува дека е апсолутно израмнето со четири-пет одлични екипи.

Ми делува дека ќе бидеме „тврд орев“ за сите и во Лигата на шампионите, особено дома. Мора да бидеме борбени и се надевам дека ќе направиме нешто добро“, изјави Абутовиќ.

Екипата на Пелистер отпатува на Златибор каде што ќе ја мине следната фаза на подготвките за новата сезона во која ќе ја бранат титулата во Суперлигата.