Официјално: Младен Крстајиќ ќе ја води Бугарија во Скопје!
Крстајиќ денеска беше промовиран во Софија за нов селектор на Бугарија откако го потпиша двегодишниот договор, а со него во стручниот штаб влегуваат и Стефан Јанковиќ, Немања Милинчиќ, Иван Иванов, како и тренерот на голманите Дарко Божовиќ.
„Бугарија е земја со многу спортски успеси, има тука многу талентирани деца и кога дојде понудата веднаш почнавме да ги гледаме бугарските фудбалери. Сите знаеме какви се резултатите во последно време, иако има многу талентирани фудбалери кои ја имаат загубено самодовербата. Дури 47 фудбалери биле повикувани, некои само за еден меч, во последните 8 меча беа променети седум голмани, што е малку несериозно. Наша задача е да направиме еден убав тим, а ќе играат само тие што заслужуваат да се дел од репрезентацијата“, рече Крстајиќ.
Бугарија во циклусот за Лигата на нации влезе со Јасен Петров, кој после двата меча со Македонија (1-1) и Грузија (2-5) си замина, па техничкиот директор Георги „Гонзо“ Иванов беше привремено решение во ремијата со Гибралтар (1-1) и Грузија (0-0), по што сега Крстајиќ ќе го заврши циклусот со домашен меч против Гибралтар и пресметката со Македонија во завршното коло на крајот на септември.
Тој е поранешен фудбалер на Вердер и Шалке 04, а беше во еден краток период и селектор на Србија, но без преголем успех. Бугарија со него сега очекува да направи шок-терапија и резултатите кои во последните три години се мизерни сериозно да ги подобри, а бидејќи шансата за прво место во Лига на нации е загубена, главна цел ќе бидат евроквалификациите идната година за Европското првенство во Германија во 2024 година.