Ќе биде интересно: Првиот човек на Бутел прв се кандидира за претседател на РФМ!

На денешниот состанок на Управниот Одбор на РФМ, со кој претседаваше Живко Мукаетов, беше одреден 1 март како датум за одржување на новото Изборно Собрание, а беше најавена и првата кандидатура за претседател на Федерацијата, по најавеното повлекување на досегашниот претседател.

Станува збор за Александар Стефанов, актуелен претседател на РК Бутел и член на УО на РФМ, кој официјално ја потврди својата кандидатура за оваа значајна позиција. Тој е поранешен ракометар и сегашен главен спонзор на ракометниот суперлигаш Бутел Скопје, преку компанијата Фабрика Карпош а.д. Скопје, каде што е член на Управениот одбор. Дипломиран е правник и основач на адвокатска канцеларија Стефанов.

„Иако сум релативно млад, верувам дека искуството што го стекнав во ракометот, како на чело на РК Бутел така и како дел од УО на РФМ, ме подготвува за оваа одговорна задача. Со напорна работа и тимска соработка, уверен сум дека можам да придонесам за натамошен развој на нашиот спорт. Засега фокусот го насочувам на настапот на репрезентацијата на Светското првенство, а наскоро ќе споделам повеќе детали за моите планови и визија,“ изјави Стефанов.

Неофицијално, уште неколку имиња кружат во игра за битката за претседателската функција во Куќата на ракометот, поради што пред ракометните функционери се неколку интересни месеци во кои ќе има надмудрување со идеи во интерес на македонскиот ракомет.

ФОТО: Фактор