Ѓорѓи Христов - нов технички директор на ФФМ!

По вчерашниот избор на Масар Омерагиќ за нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), денеска беше поставен и нов технички директор на ФФМ, а тоа е поранешниот македонски репрезентативец Ѓорѓи Христов.

Христов, кој во кариерата играше за тимови како Барнсли, Пелистер, Партизан и други, ќе биде задолжен за работата и развојот на младинските национални селекции.

„Функцијата технички директор во ФФМ за мене претставува чест, но истовремено и голема обврска. Иднината на македонскиот фудбал е во младите, а тоа треба да го сфатиме во права смисла на зборот. Знаеме на каков начин во изминатиот период беа третирани младинските селекции, а посебно академијата. Нашата намера е да го смениме тоа, фокусот да биде во младите. Во програмата на новиот претседател на ФФМ, младинските селекции се еден од топ приоритетите. Заеднички ќе се обидеме да го реализираме тоа“, кажа Христов.