Македонија ќе игра на шестото Светско првенство во ракомет по ред, вкупно осмо во нашата историја, после вечерашната победа против Чешка со 27-25 за пласманот на СП 2023 во Шведска и Полска во реванш баражот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Серијата која е започната од СП 2013 со постојан и континуиран настап на големите настани, продолжи и вечерва во драматичната завршница во која Филип Кузмановски со гол од седмерец на 13 секунди пред крајот ја запечати победата и македонската ракометна селекција ќе игра на осмиот Мундијал, шести по ред, а шест во низа имаме и настапи на Европските првенства започнати од 2012 година.

Никола Митревски беше брилјантен на голот, со 14 одбрани и клучни интервенции на трипати во клучни периоди за да ја спречи Чешка да дојде преблизу до постојаното водство од два-три гола разлика, па дури само во завршните пет минути Чешка се доближи до минус еден гол (25-24) после нашите плус три минута претходно, но во игра на нерви, двајцата најдобри стрелци Филип Талевски и Филип Кузмановски со два гола го решија прашањето на победникот.

Македонија по стартот на мечот се најде во негатива ос 2-4, а после првата голема серија со 5-0 дојде до водство од три разлика и постојано го контролираше мечот, држејќи го противникот на два-три гола разлика, па се до највисоките 20-16 во 41-та минута и потоа Митревски спречуваше порано противникот да дојде на гол негатива во неколку наврати, за завршницата да ни припадне со двата гола на Талески и Кузмановски.

Кузмановски беше најефикасен со девет гола, Талески даде шест, а извонреден меч одигра Томислав Јагуриновски во клучни моменти, додаде три гола, колку и Жарко Пешевски.

Кај Чешка, Јакуб Хрстка и Томас Пирох беа најефикасни со по пет гола, а голманот Томас Мрква имаше 13 интервенции.