
Интер по цела деценија игра осминафинале во ЛШ – може ли да го урне Ливерпул?
Италија веќе одамна не е конкурентна во мултимилионската елита, со само две финалиња на Јувентус (2015 и 2017) и без освоен трофеј уште од ерата на Интер со Мурињо и Горан Пандев, па пресметката на „нераѕурите“ како актуелни италијански шампиони со „црвените“ на Јирген Клоп е шанса да се види дали постои напредок на италијанскиот фудбал и калчолигашките екипи дали можат да се носат со самиот европски крем.
Интер е сериозно ослабен денеска без Робин Госенс, Хоакин Кореа, Матијас Весино, го нема ни Николо Барела, а проблем повеќе е лошата форма на Лаутаро Мартинез, кој од ноември 2020 година нема дадено гол во Европа или цели 697 минути, но ќе биде партнер на Един Џеко во нападот и сега против „црвените“.
„Ливерпул е еден од најдобрите тимови во Европа, но фудбалерите на Интер заслужуваат да играат вакви мечеви, долго време Интер нема играно пролетни елиминации, нема да биде лесно, но ќе дадеме сѐ и ќе направиме сѐ за да одиме во следната фаза. На хартија Ливерпул е фаворит, а јас од играчите ќе барам само да излезат на терен со ладни глави, а одлучноста ќе ја направи таа разлика“, вели Симоне Инѕаги, тренерот на Интер.
„Нераѕурите“ после двете дербија за „скудетото“ со Милан (1-2) и со Наполи (1-1), го препуштија лидерското место на својот градски ривал, додека Ливерпул кој ја врати старата форма после кризниот декември, сѐ уште е предалеку од недопирливиот Манчестер сити, кој ита кон нова шампионска титула. Но, Клоп сега ги има своите две најголеми ѕвезди Мохамед Салах и Садио Мане, без кои беше цел месец поради Африканскиот куп на нациите.
„Интер е врвен тим, има извонреден тренер, лани беа шампиони во Италија и со должна почит кон останатите, мислам дека и годинава ќе бидат прваци во Серија А. Изгледаат солидно, имаат креативност на терен, добро се организирани и нивниот индивидуален квалитет е огромен, така да за да победиме и воопшто да имаме шанса за такво нешто ќе мора да одиграме врвен меч“, вели Клоп.
Последен пат Интер и Ливерпул меѓусебе играа пред 16 години, во 2008 кога „црвените“ ги водеше Рафа Бенитез и англискиот великан победи во двата меча со 2-0 и 1-0.
Германскиот великан Баерн Минхен гостува кај Ред Бул Салцбург во вториот вечерашен меч од оваа двојна програма во осминафиналната рунда, па Баварците како апсолутни фаворити доаѓаат на мегдан на „биковите“.
Сѐ освен пласман за Баерн во четвртфиналето ќе биде сензација, па и денеска ако Баварците не победат, но сезонава под палката на Јулијан Нагелсман покажуваат многу слабости, кои Салцбург ќе се обиде да ги искористи, иако квалитетот е неспорен и јасно на страна на германскиот великан. Лани Баерн го победи Салцбург со 6-2.
„Влегуваме во многу возбудлив дел од сезоната, сакаме да продолжиме каде што застанавме во групната фаза. Нѐ чека полн стадион и очекувам прекрасна ноќ во Лигата на шампионите“, вели Нагелсман.
МОЖНИ СОСТАВИ
ИНТЕР – ЛИВЕРПУЛ
Стадион Џузепе Меаца, 21 часот, судија Симон Марчинијак (Полска)
ИНТЕР: Хандановиќ – Шкринијар, Де Вриј, Бастони – Дамфрис, Видал, Брозовиќ, Чалханоглу, Перишиќ – Џеко, Мартинез
ЛИВЕРПУЛ: Алисон – Александер Арнолд, Матип, Ван Дијк, Робертсон – Хендерсон, Фабињо, Тијаго Алкантара – Салах, Фирмино, Мане
РЕД БУЛ САЛЦБУРГ - БАЕРН МИНХЕН
Стадион во Салцбург, 21 часот, судија Мајкл Оливер (Англија)
РБ САЛЦБУРГ: Кен – Кристијансен, Соле, Вебер, Улмер – Камара – Капалдо, Аронсон, Сајвалд – Окафор, Адејеми
БАЕРН МИНХЕН: Улрих – Павар, Суле, Ернандез – Гнабри, Кимих, Толисо, Коман – Милер, Сане - Левандоски