Реал го претстави првото засилување: Ова ми е најубав ден во животот

На неколку дена пред заминувањето за САД каде ќе учествува на Светското клупско првенство, Реал Мадрид го претстави првото летно засилување.

Станува збор за шпанскиот репрезентативец Дин Хујсен кој дојде од Борнмут за 59 милиони евра. До пред два дена тој имаше обврски со националниот тим со кој учествуваше на завршниот турнир од Лигата на нации, па Реал дури денеска го претстави иако работата беше завршена пред речиси еден месец.

„Доаѓам во најдобриот клуб во светот и денешниот ден е најубав во мојот живот. Би сакал да му се заблагодарам на претседателот за довербата, а јас сакав да бидам тука уште од првиот пат кога добив повик од него. Ќе дадам се од себе, ќе работам највредно што можам и се надевам дека заедно ќе освоиме многу трофеи“, рече Хујсен на промоцијата.

Дефанзивецот во Реал ќе го носи дресот со број 24, но не е исклучено пред почетокот на сезоната, ако некој си замине, да дојде до промена. „Кралскиот клуб“ веќе се договори и со Трент Александер Арнолд, но тој најверојатно ќе биде промовиран во следните денови.