Сеир на векот: Ѓоковиќ ќе игра на Австралија опен, ама ќе оди на суд после секој - гем!

Ситуацијата со Новак Ѓоковиќ и неговата веќе комична битка со властите во Австралија околу дозволата да влезе во државата, а со тоа и да настапи на гренслем-турнирот во Мелбурн, предизвика милиони коментари и стана инспиранција дури и за најголемите светски сатиричари.

Така, најпознатиот српски портал за сеирџиски вести „Њузнет“ го објави можеби својот најдобар сеирџиски текст поврзан со популарниот Ноле, во кој наведува дека австралискиот суд му дозволил на тенисерот да настапи, но со обврска после секој одигран гем да се појави пред судот. Со тоа, се наведува во хумористичната вест, би се направил компромис меѓу сите кои сакаат да го депортираат Ѓоковиќ од Австралија и оние кои се да му се даде можност уште еднаш да го освои трофејот во Мелбурн.

„Судењето ќе трае сигурно во текот на првите неколку кола, кои повторно ќе бидат подолги од вообичаено, бидејќи Ѓоковиќ по секој гем ќе мора да оди на ново рочиште на суд, па ќе се враќа на теренот. Секако, пред секој нов гем ќе мора да се загрева некое време“, изјави судијата Кели со напомена дека дополнителна компликација ќе биде тоа што Ѓоковиќ ќе мора и да се пресоблекува за да дојде на суд како што треба затоа што никој во судница не сака да види испотен човек во маица и шорцеви.

Секако, за да бидат застапени двете страни, „Њузнет“ има реакција и од претставниците на српскиот тенисер.

„Оптимисти сме, мислиме дека ќе може да се изгради монтажна судница. Бараме и судот да ја преиспита одлуката и да му дозволи на Ѓоковиќ да оди на судење по секој втор гем, кога има кратка пауза, во која додека неговиот противник размислува за тактиката и се одмора, Новак ќе може да одговори на сите прашања“, изјави адвокатот на Ѓоковиќ.

Како што неофицијално дознава „Њузнет“, постои можност оваа одлука да биде изменета во жалбената постапка и на Ѓоковиќ да му биде дозволено да ги игра сите натпревари без прекин, но под услов додека игра и да одговара на прашањата на обвинителството.