Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска присуствуваше на свеченото отворање на новиот Национален тренинг центар за олимписко спортско стрелаштво со воздушно оружје на 10 метри.

Тренинг центарот е лоциран во подземниот дел на салата „Наум Наумовски Борче“ во Скопје и е комплетно опремен со најсовремена опрема според стандардите на Светската стрелачка федерација.

Министерството за спорт го обезбеди најголемиот дел од финансиските средства потребни за реализација на овој проект кој доби поддршка и од европската и светската стрелачка федерација како и од домашни спонзори и поддржувачи на стрелаштвото. 

„Националниот интерес и континуираното учество на македонските стрелци на меѓународните натпревари вклучително и на Олимписките игри, се доволен мотив да обезбедиме ваков квалитетен тренинг простор за нашите репрезентативци, клубови и идни шампиони. Министерството за спорт ја поддржа реализацијата на овој проект кој е од огромна важност за македонското стрелаштво и за македонскиот спорт воопшто. Овој тренинг центар ќе го користат македонските стрелци, како и припадниците на полицијата. Најважно од сè – стрелиштето ќе биде отворено и за сите граѓани, од најмладите стрелци што сакаат да се занимаваат со овој спорт, па сè до највозрасните ентузијасти од Скопје и од цела Македонија“, истакна министерот Ристовски.

Од Македонската спортска стрелачка федерација посочуваат дека ова стрелиште е од национален интерес за Македонија и за државните репрезентативци во македонското спортско стрелаштво. Тоа е едно од најмодерните и најсофистицираните стрелишта на Балканот за олимписката дициплина стрелаштво со воздушно оружје на 10 метри, бидејќи истото е опремено со најмодерни електронски мети набавени од производителот SIUS од Швајцарија и поставено согласно правилата на Светската стрелачка федерација.

„Новиот тренинг центар е уште еден мотив повеќе за клубовите и спортистите да се вложат максимално и да ја оправдаат поддршката што ја има македонското спортско стрелаштво од Министерството за спорт, како никогаш досега“, велат од Македонската спортска стрелачка федерација.

Новиот национален тренинг центар во иднина ќе биде домаќин на многу меѓународни натпревари. Прв голем настан што ќе се одржи на овој нов современо опремен центар ќе биде претстојниот Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) на кој според програмата, натпреварите во стрелаштво ќе се одржуваат во период 20-25 јули.