Самсоненко го издаде „Јане Сандански“ на МОК!

Најелитниот затворен спортски објект во државата, салата „Јане Сандански“ од утре ќе има нов „газда“ и тоа Македонскиот олимписки комитет (МОК), кој постигнал договор со Сергеј Самсоненко за изнајмување на салата во која РК Вардар двапати стана европски шампион, а која истовремено е и дом на кошаркарскиот прволигаш МЗТ Скопје.

Оваа информација веќе извесен период кружеше во спортските кулоари, а се очекува наскоро да биде официјално потврдена. Челниците на МОК во „Јане Сандански“ најдоа своевидна замена за спортскиот комплекс што требаше да се гради, а кој требаше да биде дом на сите спортски федерации во државата. Договорот, неофицијално, е најмалку до крајот на деценијава, според кој „олимпијците“ ќе располагаат со сите спортски содржини што се наоѓаат во салата во скопската општина Аеродром. А, за тоа како планираат да ги искористат и каков бенефит ќе има македонскиот спорт од ваквиот потег, се очекува предводниците на МОК наскоро да објават преку соопштение или посебна прес-конференција.

Салата „Јане Сандански“ почна да се гради во 2013 година, а беше пуштена во употреба една година подоцна и има капацитет од 6.500 седишта. Изградена е на местото на старата сала на МЗТ Скопје и тоа со јавно-приватно партнерство помеѓу Самсоненко и општина Аеродром. Рускиот бизнисмен ја доби на 35-годишно користење по што објектот ќе премине во државна сопственост. Во неа има голема сала, мала сала, сала за кревање товар и канцелариски простор каде што во иднина ќе биде сместен МОК.