Пешевски: Ние сме важни во двомечот со Данска!

Македонија се соочува со Данска, вечерва од 20 часот, што ќе претставува прва половина од двомечот со Светскиот првак во рок од четири дена. Иако објективните шанси за добар резултат се мали, тоа не ја нарушува атмосферата во црвено-жолтиот табор и желбата за што подобра претстава.

Последен на подготовките стигна Жарко Пешевски, пикерот на Штутгарт, кој е нетрпелив да покажат со соиграчите дека онаа Македонија од јануари, од СП, не е вистинската

„Нема потреба многу да се должи, да се објаснува која е Данска. Ние сме важни во тој двомеч, ние треба да покажеме дека настапот на СП бил само едно лошо издание и да дадеме сè од себе за што подобар резултат“, изјави Пешевски.

Овие подготовки, веројатно, се малку различни од дргуите, бидејќи на клупата на репрезентацијата дебитира Кире Лазаров. Сите се желни за нов почеток и веројатно чувството е ново и малку поинакво со него како селектор.

„Искрено, малку чудно, но само првите моменти. Потоа сфаќаше дека, едноставно, селекторот е твој соиграч, твој пријател, си делел и добро и лошо. Сега засега функционираме многу добро и се надеваме дека таа конекција ќе биде уште подобра и ќе се радуваме на многу успеси.“, најави Пешевски.