
Победнички старт на 2021 за Јувентус – Роналдо блесна со два гола и асистенција (ВИДЕО)
Роналдо покажа дека ако влезе во ритам буквално е незапирлив, а на противникот му нема спас кога ќе влезе во ритам, па со двата гола и асистенцијата најави извонредна пролет со „старата дама“, која и покрај триумфот останува на огромни 10 бода заостаток зад лидерот Милан, кој денеска и со десетмина го победи Беневенто.
Португалецот погоди по пола час игра за водство, а потоа и во 70-та минута од мечот за да ја запечати убедливата победа, а претходно мајсторски му асистираше на Федерико Кјеза во 49-та минута. За Удинезе последните 16 минути од мечот, кога буквално сѐ беше загубено на „Алијанц“ одигра македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, а во судиското надополнување успеа да даде почесен гол преку Марвин Зегелар.
Пауло Дибала во четвртата минута од судиското надополнување даде и четврти гол за Јувентус само за да ја потврди убедливата победа.
Со победата, за Јувентус седма сезонава, „старата дама“ дојде до 27 бода сезонава и е петопласирана, додека Удинезе со седмиот сезонски пораз остана на 15 бода на 13-то место во Калчото.