Венус ѝ се одмазди на Мугуруса и се пласира во полуфиналето во Сингапур
Венус имаше пред себе меч „да се биде или не“ и успеа да одговори со победа против многу незгодна противничка. Гарбиње Мугуруса е тенисерката која ова лето ја спречи на последниот чекор до пехарот на Вимблдон, но сега ја победи поубедливо од очекуваното, со 7-5, 6-4.
Иако во вторникот помина преку три часа на теренот против Јелена Остапенко, сепак немаше знаци на умор и уште повеќе, покажуваше карактер и во двата сета. Двапати имаше негатива од еден брејк, но успеваше да се врати, дури и да направи своја предност за да го реши мечот во два сета.
Таа е втора во „белата група“, иако лидерот Каролина Плишкова денеска загуби од Остапенко со 6-3, 6-1. Тој меч не го промени распоредот, па Венус, најверојатно, ќе се соочи со Каролин Возњацки, која најверојатно ќе победи во „црвената група“. За противничката на Плишкова ќе решаваат утре во директен дуел Халеп и Свитолина.