Ужасна вест за Лејкерс: Дончиќ е потешко повреден – го пропушта и плејофот?! (ВИДЕО)
Од таборот на ЛА Лејкерс потврдија дека магнетната резонанца покажала повреда од втор степен, односно делумно кинење на тетивата, што значи дека словенечката ѕвезда сигурно ќе го пропушти остатокот од регуларниот дел од сезоната, а најверојатно и првата рунда од плејофот. Според докторот Џеси Морс, специјалист за спортски повреди, оптимистичкото сценарио е враќање за три недели, но пореално е пауза од четири до шест недели.
„Ако се врати, тоа може да биде дури на крајот од серијата и со ограничена минутажа“, објасни Морс.
Дончиќ се повреди во првото полувреме од убедливиот пораз на Лејкерс во Оклахома (96-139), а по кратко враќање на паркетот повторно почувствувал силна болка и морал предвреме да го заврши мечот. Повредата доаѓа во најлош можен момент, бидејќи Дончиќ игра сезона од соништата и е главен адут на тимот. Во просек бележи 33,5 поени, 8,3 асистенции и 7,7 скока по натпревар, а во март постигна дури 600 поени – достигнување што претходно им успеало на само десет играчи во историјата на НБА.
Тој во последниот месец имаше 13 натпревари по ред со најмалку 30 поени, вклучувајќи седум меча со 40 или повеќе поени, 51 поен против Чикаго булс и историски 60 поени против мајами Хит. Тренерот Џеј-џеј Редик откри дека повредата била почувствувана уште во првото полувреме, но дека играчот се обидел да продолжи, пред конечно да падне на паркетот во болки.
Лејкерс моментално се трети на Западот со скор 50-27, но без Дончиќ ги чека неизвесна завршница, бидејќи Денвер нагетс е веднаш зад нив со само една победа помалку, а Минесота тимбервулфс исто така останува во игра за висок пласман.