Трагедија на стадион во Перу: Ѕид се сруши врз навивачи – има и загинат(и) (ВИДЕО)

Најмалку едно лице загина, а речиси 50 навивачи се повредени по сериозен инцидент на стадионот „Алехандро Вилануева“ во Лима (Перу), пред натпреварот меѓу Алианца Лима и Университарио закажан за доцна вечерва по локално време.

Првичните информации говори за уривање на дел од ѕидот или конструкцијата на јужната трибина, додека властите подоцна соопштија дека точната причина сè уште се истражува. Смртта на едно лице ја потврдил командантот на доброволната противпожарна служба Маркос Пахуело, додека перуанското Министерство за здравство соопшти дека десетици повредени биле пренесени во болници, при што неколку лица се во критична состојба.

Инцидентот се случил за време на традиционалното навивачко собирање пред големото дерби, кога голем број навивачи биле собрани на јужниот дел од стадионот. Според спасувачките служби, веднаш била направена тријажа и медицинска помош на самото место. Од клубот Алианца изразија сочувство до семејството на загинатиот и соопштија дека целосно соработуваат со надлежните институции.

„Во целост и транспарентно соработуваме со надлежните органи за да се утврдат сите факти поврзани со истрагата“, стои во клупското соопштение.

Според последните информации, натпреварот од перуанското дерби засега не е официјално откажан, иако јавноста бара дополнителна истрага за безбедноста на стадионот.