Ѓоковиќ после корона-бурата: Ловеа вештерки - им требаше големо име да биде виновно за сè!

Српската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ, актуелниот најдобар светски рекет во моментов првпат проговори за српските медиуми околу корона-бурата која беше во фокусот откако Ковид-19 се појави и ја прекина „Адрија Тур“, а и самиот Ѓоковиќ беше позитивен.

Српската ѕвезда веќе се врати на тренинзите откако го прележа Ковид-19 практично без симптоми, ама се најде под жесток удар од сите страни за организирањето на турнирот, кој беше замислен со хуманитарен карактер. Критиките не можеа да се добројат на сметка на Ѓоковиќ, после случајот со позитивниот резултат на Григор Димитров и потоа ширењето на заразата меѓу тенисерите и гледачите во Задар.

„Во последно време гледам само критики, а најголем дел од нив – злонамерни. Очигледно е дека пости нешто повеќе од критики, ми се чини како да има агенда, како некој вид – лов на вештерки. И сега мора некој да падне, некоја личност, некој кој е големо име и тој да биде посочен за најголем виновник за сè“, вели Ѓоковиќ.

Србинот најави дека веројатно ќе ја прескокне американската турнеја и УС-опен, но за тоа ќе се знае до 15 јули, а најмногу зависи од ситуацијата со патувањата и забраните на релација ЕУ-САД, како и епидемиолошката слика во Њујорк, која повторно е лоша.