Блокотехна газдува во Гевгелија, АВ Охрид пресилен за Струмица
Разликата во квалитет помеѓу екипите од Гевгелија беше повеќе од очигледна, а вечерашниот домаќин даде посилен отпор само во првата четвртина (20-24). Потоа следуваа фуриозни десет минути на новиот член на Првата лига, кој постигна дури 35 поени во втората четвртина за огромни плус 25 на полувремето (59-34) и обезбедување на првите два бода во елитната конкуренција. Американецот Двејн Бенџамин беше најдобар кај Блокотехна со 28 поени и 13 скока додека Горан Главчев реализира 13 поени. Миладин Пековиќ со 22 поени и Апостоли Апостолов со 18 поени беа најпрецизни кај Кожув.
Кошаркарите на АВ Охрид, пак, покажаа зрелост и квалитет и со мудра игра во текот на сите 40 минути без многу проблеми ги совладаа струмичани. Првата и третата четвртина се покажаа како клучни за триумфот на гостите, кои во овие два дела од мечот постигнаа 49, а примија 30 поени. Францускиот интернационалец Реми Бери имаше фантастично деби во дресот на охриѓани со 33 поен, додека Американецот Кенет Рос постигна 27 поени. Тајнс Монтес со 20 поени беше најпрецизен кај домашниот тим.
Синоќа, во спектакуларен меч со многу пресврти, Работнички како гостин го совлада Куманово, во вторник играат Пелистер и Шкупи (16.30 часот), а в среда Фени индустри и Гостивар (18 часот). Колото се затвора в четврток со дербито помеѓу МЗТ Скопје и Карпош Соколи (18 часот) во салата „Јане Сандански“.