Малeн ги засени Кејн и Мбапе, Рома доби голгетер каков што немала 66 години!
Холандскиот напаѓач беше херој на убедливата победа на Рома од 5-1 на гостувањето кај Парма, постигнувајќи дури четири гола. Со тој учинок стигна до бројката од 26 погодоци во Серија А во календарската 2026 година.
Според статистичките податоци на „Опта“, пред него вакво остварување во дресот на римскиот клуб имал само Педро Манфредини, кој во далечната 1960 година исто така постигнал 26 првенствени голови во една календарска година. Така, Мален го повтори рекордот стар повеќе од шест децении, а сега му недостига само уште еден погодок за самостојно да го преземе историското достигнување.
Уште поимпресивен е податокот дека Холанѓанецот во 2026 година е поефикасен во домашното првенство од Хари Кејн и Килијан Мбапе. Напаѓачот на Баерн има 21 гол, исто колку и Рафиња од Барселона, додека Мбапе е на 19 погодоци во шпанската Ла Лига.
Мален, кој во јануари пристигна во Рома од Астон Вила, постигна 14 голови во вториот дел од минатата сезона, а на првите 11 настапи во актуелното првенство веќе запиша уште 12. Неговата голгетерска форма е една од главните причини поради кои Рома работи на продолжување на договорот со напаѓачот, иако актуелната соработка е со важност до 2030 година.