Работнички двапати се враќаше од „мртви“ за спектакуларна победа над Куманово

Спектакуларен меч со многу пресврти и дополнителни пет минути одиграа кошаркарите на Куманово и Работнички на отворањето на новата сезона во Првата лига, а крајниот епилог беше победа на гостите од Скопје со 91-88.

Центарци на гостувањето кај кумановци допатуваа со само девет кошаркари (им следува казна за тоа), средбата ја одиграа со само седум играчи, но тоа не ги спречи на двапати да се вратат од „мртвите“ и на крајот да дојдат до голема победа. Избраниците на тренерот Марин Докузовски натпреварот го затворија со осум поени по ред во последните две минути од екстра периодот, со што ги шокираа домашните гледачи кои веќе почнаа да го се радуваат на триумфот откако нивните миленици поведоа со 88-82 на 120 секунди до крајот.

Сличен маестрален пресврт кошаркарите на Работнички имаа и во второто полувреме, кога со серија 18-3 од минус девет (57-66) дојдоа до првата поголема предност од шест поени, која им даде надеж дека може да слават во Куманово. Домашните кошаркари водеа во најголем дел од средбата, имаа плус два (81-79) на дваесетина секунди до крајот, но не успеаја да финишираат на начин на кој посакуваа и на крајот теренот го напуштија со наведнати глави. Триумфот на центарци е уште поголем ако се знае дека во тимот го немаше ветеранот Ѓорѓи Чековски, поради суспензија од финишот на минатото првенство.

Бугаринот Чавдар Костов со 30 поени и осум скока беше убедливо најдобар кај 14-кратниот шампион, Американецот Маркус Гинјард постигна 22 поени со шест асистенции додека двоцифрен беше и српскиот интернационалец Чарко Чохадаревиќ со 12 поени и осум скока. На кумановци не им помогна ниту фантастичната игра на Димитар Караџовски со 29 поени, Марјан Јанески реализира 19, а Никола Караколев 10 поени.

Првата рунда од кошаркарската елита продолжува утре со гевгелиското дерби помеѓу Кожув и Блокотехна (19 часот) како и со дуелот помеѓу Струмица и АВ Охрид (19 часот). Во вторник ќе играат Пелистер и Шкупи, в среда Фени индустри ќе го пречека Гостивар, а дербито на колото е в четврток кога МЗТ Скопје ќе му биде домаќин на Карпош Соколи во реприза на плејоф-финалето од минатата сезона.