Спортинг го продава Ристовски, ама Лацио треба солено да плати за Македонецот!

Римски Лацио сериозно е заинтересиран за македонскиот репрезентативен десен бек Стефан Ристовски, откако сериозно се искомпликува обидот на „Олимпико“ да дојде Давиде Ѕапакоста од Челси, но за римјаните да го ангажираат Македонецот ќе треба солено да платат.

Според последните нформации кои ги објавија италијанските медиуми, Спортинг Лисабон е подготвен да го продаде Ристовски по само 18 месеци откако тој дојде за 2,5 милиони евра од Риека, но само ако Лацио плати седум милиони евра за десниот бек. Спортинг нема намера да преговара за заем со опција за откупување на договорот, додаваат медиумите и трансферот единствено може да се реализира само ако римјаните ги платат парите во кеш.

Ристовски има калчолигашко искуство, играше за Парма пред овој клуб да банкротира, а претходно играше и за Бари, Латина и Фросиноне. По банкротот на Парма, Ристовски се пресели во Риека со која стана шампион и го освои Купот во Хрватска, а потоа замина во Лисабон.