Мундијалска програма: Светскиот првак без право на грешка, Белгија и Мексико на пат за втор круг

Светскиот шампио Германија денеска нема право на грешка за да не ја продолжи традицијата на елиминација на светските шампиони уште во групната фаза, која ја започнаа Италија и Шпанија на последните два Мундијали во оваа втора деценија од новиот милениум.

Германија против Шведска е дуелот на денот, иако претходно две извонредни селекции ќе се борат да дојдат до осминафинале или да се пласираат во него. Белгија е на чекор и со победа, практично би го осигурала тој пласман меѓу најдобрите 16, додека Мексико со победа ќе дојде на чекор и ќе зависи од дуелот на светските шампиони, кои ако не обедат ќе значи дека „сомбреросите“ ќе се најдат во првата елиминациска фаза на СП во Русија.

БЕЛГИЈА – ТУНИС (14 часот, стадион на Спартак Москва)

ТАБЕЛА: Белгија 3, Англија 3, Тунис 0, Панама 0.

По убедливата победа над Панама со 3-0, Белгија денеска може да исчекори кон осминафиналето со триумф против Тунис, кој во 90-та минута го загуби мечот од Англија, па сега ова за северноафриканците е последна шанса да останат во игра за елиминациите. Вторпат овие две селекции играат меѓусебе на СП, а пред 16 години во Јапонија и Јужна Кореја ремизираа 1-1, но овојпат Белгија има убедлив тим и е апсолутен фаворит за победа. Пред четири години во пријателски меч, последен пат се соочија и минимално со 1-0 славеа „црвените ѓаволи“, кои денеска со Еден Азар, Ромелу Лукаку, Дрес Мертенс, Кевин Де Брајне атакуваат на втор триумф и пласман во следната фаза.

Белгија: Куртоа – Вертонген, Бојата, Алдервирелд – Витсел, Де Брајне, Караско, Муние – Мертенс, Азар, Лукаку

Тунис: Бен Мустафа – Меријах, Бен Јусеф, Брон, Хадади – Скири, Бадри, Саси – Бен Јусеф, Хазри, Слити

ЈУЖНА КОРЕЈА – МЕКСИКО (17 часот, Ростов Арена)

ТАБЕЛА: Мексико 3, Шведска 3, Германија 0, Ј. Кореја 0.

По големата победа над светскиот првак Германија, никој и не очекува ништо освен нова победа за Мексиканците против незгодната Јужна Кореја, која за жал не одигра ништо премногу добро во дуелот со Шведска. Пред Мексико е шанса да направи најмалку голем чекор пред вратата на осминафиналето, а можеби и да се пласира, ако Германија во вечерашниот меч не ја победи Шведска. За тоа, Мексико прво мора да ги победи Корејците, а „сомбреросите“ имаат добра традиција против азиските екипи со три победи од три меча, меѓу кои и троумф со 3-1 баш против Кореа на СП во Франција 1998 година. Ако нешто посебно им оди од рака на Мексиканците е фактот што само двапати загубиле во последните 18 меча на Мундијалите во групните фази и тоа од Португалија со 1-2 во Германија во 2006 и од Уругвај со 0-1 на СП во Јужна Африка во 2010 година. Не е ни чудо што се големи фаворити против Корејците.

Ј. Кореја: Јо – Ли, Ким, Јанг, Ким Минво – Сеунгјанг, Јунг, Ли Јаесунг – Хванг, Сон, Ли Сеунгво

Мексико: Очоа – Салседо, Ајала, Морено, Галјардо – Лајун, Ерера, Гуардадо – Вела, Ернандез, Лозано

ГЕРМАНИЈА – ШВЕДСКА (20 часот, стадион „Фишт“, Сочи)

ТАБЕЛА: Мексико 3, Шведска 3, Германија 0, Ј. Кореја 0.

По големиот шок што го доживеаа, светскиот првак Германија нема друга опција освен да ја победи Шведска и да не си го загрози пласманот во „сигурното“ осминафинале во оваа група Ф на Светското првенство во Русија. Но, традицијата започната од 2010 година вели дека светскиот првак на следниот Мундијал не е баш најдобар, а болна елиминација доживеаа Италија и Шпанија на последните две Светски првенства, па затоа „елфот“ ќе мора да одигра трипати подобро од мечот со Мексико за да се избори на крај со цврстиот и добро дефанзивно организираниот шведски тим. Шведска има една победа, па бод би бил рамен на триумф за „викинзите“ на нивиот пат кон осминафинале. Досега овие две селекции имаат 36 мешусебни мечеви, најмногу од сите на СП и Германија има 15 победи, наспроти 12-те на Шведска, а девет меча завршиле без победник. Само на Мундијалите, Германија има три победи и пораз против Швеѓаните.

Германија: Ноер – Кимих, Боатенг, Суле, Хектор – Гундоган, Крос – Милер, Озил, Ројс – Гомез

Шведска: Олсен – Лустиг, Линделоф, Гранквист, Агустинсон – Клаесон, Ларсон, Екдал, Форсберг – Берг, Тоивонен