„Кралот“ го возвраќа ударот: Кливленд го уништи Бостон! (ВИДЕО)

Кливленд заличи на шампионскиот тим кој посакува да биде декласирајќи го Бостон со 116-86 во третиот натпревар од источното финале во НБА-лигата.

Кога на Кливленд ќе му тргне ударот за три поени, очигледно, му оди и сè друго во играта, од одбрана, преку дриблинзи, помалку грешки и точни додавања... Леброн и другарите синоќа постигнаа 17 тројки од 34 удари и веќе до големиот одмор имаа водство од 61-41.

Леброн Џемс воспостави контрола на теренот, трошејќи топки многу рационално, шутираше 8/12 од игра и 3/3 за тројка. Постигна 27 поени, на кои додаде 12 скока, а поддршка му беа Кајл Корвер со 13 и Џорџ Хил со 13 коша.

Бостон, од друга страна, се мачеше со реализацијата, со шут под 40 проценти и само двајца кошаркари имаа повеќе од 10 поени - Џејсон Тејтум стигна до 18, а Тери Розие до 13.

Ваквиот епилог, изгледа, требаше да се очекува, со оглед дека Селтикс не сјаеја на гости ниту во претходните две серии, бележејќи четири порази и само една победа и тоа по продолженија. Шанса да го поправат впечатокот ќе имаат во четвртиот меч од финалето, утревечер, а дотогаш водат со 2-1 во победи.